Советот на Европа го усвои пакетот финансиска помош за ЗБ

Советот на Европската унија (ЕУ) донесе одлука за макрофинансиска помош во висина од 3 милијарди евра, за земјите од регионот на Западен Балкан и другите земји во соседството на ЕУ. Програмата има за цел да ги намали економските последици од пандемијата со корона вирус во овие земји. Оваа макрофинансиска помош ќе се обезбеди во форма на заеми, со многу поволни услови, информираат од ЕУ.

„Со поддршка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), овие средства ќе придонесат за зајакнување на макроекономската стабилност и создавање простор за насочување на ресурсите за заштита на граѓаните и ублажување на негативните социо-економски последици од пандемијата со вирусот“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Корисници на овој пакет од земјите од регионот се Албанија, со 180 милиони евра, Босна и Херцеговина со 250 милиони, Црна Гора со 60 милиони, Косово со 100 милиони и Северна Македонија со 160 милиони евра. Србија беше исклучена од овој пакет затоа што земјата не побара помош од Меѓународниот монетарен фонд за финансиска поддршка. Еден од критериумите за учество на земјите во оваа програма е дали тие побарале итна помош од ММФ за одржување на ликвидноста, како што е на пример инструментот за брзо финансирање.