Пошта изрази жалење и се извини за поштенската марка со погрешна карта на Хрватска

Илустрација- картата на Хрватска

АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје се извинува за ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенската марка од серијата „Северна Македонија во ЕУ“ чија цел е одбележување на претседавањето на Република Хрватска со ЕУ.

„На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш се повлекува од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6000 (шест илјади) примероци“, наведуваат од акционерското друштво.

На поштенската марка која денеска, по написите во медиумите беше тргната од интернет страницата на поштата, беше прикажана карта на усташка Хрватска, во која спаѓаат и териториите на денешните Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.

„АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје изразува жалење за ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопува со 9 Мај, Денот на Европа. Наша цел беше со оваа поштенска марка да изразиме благодарност до Хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата Држава“, наведуваат од Пошта на Северна Македонија.

Од таму информираат и дека по оваа грешка се состанал Управниот одбор на Друштвото и одлучил да ја повлече марката и да го поништи тиражот од 6000 примероци по номинална цена од 72 денари, да го разреши раководителот на Бирото за филателија и да го разреши Советот за поштенски марки.

Од таму објаснуваат дека во издавањето на поштенски марки се вклучени бирото за филателија и совет за издавање на поштенски марки во кој членуваат и лица ангажирани во културни, јавни и научни области, односно двајца историчари од национални институти и еден е уметник од Факулетот за ликовни уметности.