Боки 13: Со Јанева разговаравме за љубов и мода, не за Империја

Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за „Рекет“, 7 мај 2020 година

Обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски - Боки 13, денеска во Основниот суд Скопје 1 ја дава својата одбрана. Во почетокот на неговото излагање тој зборуваше и за неговите први средби со специјалната обвинителка Катица Јанева која е второобвинета во предметот Рекет. Боки 13 изјави дека вработувањето на синот на Јанева, Лазар Јанев дошло по првата средба со обвинителката која се пожалила дека синот правник е невработен. Јовановски тврди дека Камчев го злоупотребил името на Јанев и дека со тоа почна дискредитација на Катица Јанева затоа што лажно посочил во судот дека добил документ потпишан од Лазар Јанев.

„Сум разговарал со Катица Јанева за многу работи, за љубовни проблеми зборував со неа, ја прифати без проблем мојата сексуална определба која во целиов процес им е проблем на други, и кога ме притвораа, и еден премиер ме нарече јавно еден педер, ама за тоа подоцна ќе зборувам. Со Јанева имав пријателски однос затоа што таа беше непосредна жена. За конкретен предмет односно Империја не сум разговарал со неа. Јас ја запознав во септември а тој предмет се вoдел една година претходно. Овој предмет е направен за спас на Јордан Камчев и за рушење на СЈО, како и за уривање на 1ТВ“, рече Јовановски.

Тој им се обрати на обвинителката Вилма Русковска и на Судот, посочувајќи дека штета е што не е дозволено вештачење на неговиот мобилен телефон, затоа, како што рече, нема ништо избришано од него.

„Без вештачењето на мојот телефон јас тука во судницата играм танго бос - метафорично зборувам. Ако со некого разговарам за килажа, мода и љубовни проблеми, не можам како цивил да вршам претпоставено влијание врз обвинителка која дрма и тресе. Катица Јанева беше многу резервирана во давањето на информации и имавме опозитна состојба во која јас сум бил директно брифиран од Вилма Русковска кого ќе испитува и ми бараше да испратам новинар. Русковска имаше анимозитет кон Катица Јанева“, рече Јовановски денеска пред Судот, и додаде дека „обвинителниот акт е рекла-казала“.