Унгарија потпиша договор за кредит со Кина за изградба на железница

Работа на пругата Белград - Нови Сад во Србија на 16 октомври 2019 година

Унгарија и Кина потпишаа договор за кредит за финансирање на изградбата на железничка линија меѓу Будимпешта и Белград. Кредитот вчера го најави унгарскиот министер за финансии Михали Варга и тој значи почеток на проектот кој беше во застој со години.

Инвестицијата е дел од амбициозната кинеска иницијатива „Појас и пат“ и е првиот голем кинески инфраструктурен проект во ЕУ.

Заемот од 1,855 милијарди долари има рок на отплата од 20 години, каматна стапка од 2,5 проценти и можност за предвремена отплата, изјави Варга за Ројтерс. Исто така има пет години грејс период на отплата на главнината.

Железницата треба да помогне во кинеската цел за испорака на стоки од Грција во Западна Европа, но прво треба да се пополнат празнините во железничкото поврзување.

Варга рече дека новата железница ќе биде завршена до 2025 година и ќе ѝ овозможи на Унгарија да стане центар на Европската логистичка мрежа за кинеските стоки кои од Грција се транспортираат во ЕУ.

Кина, Србија и Унгарија потпишаа меморандум за железничката линија во 2014 година, а изградбата во Србија почна во 2018 година, откако зема кинески кредит од 300 милиони долари.

Иницијативата „Појас и пат“ е контроверзна зашто, според некои набљудувачи, Кина го користи финансирањето на големи инфраструктурни проекти за да купи политичко влијание.