Три милијарди евра помош преку „Тим Европа“ за Македонија и соседството

Европската комисија предлага да се обезбедат три милијарди евра макрофинансиска поддршка за десет земји од нејзиното непосредно соседство, вклучително и Северна Македонија, јави МИА од Брисел. ЕК смета дека оваа поддршка е потребна за да се ограничат негативните економски и социјални последици од здравствената криза со коронавирусот.

За Северна Македонија, ЕК предлага да се издвојат 160 милиони евра, за Албанија – 180 милиони, за Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Косово – сто милиони евра, Црна Гора – 60 милиони евра. Надвор од земјите од Западниот Балкан, европската извршна власт смета дека ќе им бидат потребни 150 милиони евра на Грузија, 200 милиони на Јордан, сто милиони евра за Молдавија, 600 милиони евра за Тунис и 1,2 милијарди евра за Украина.

Ова е дел од новата стратегија позната како „Тим Европа“ на Европската Унија, чија цел е да им се помогне на земјите партнери. Фондовите би биле на располагање дванаесет месеци во форма на заеми „со многу добри услови“ за да им се помогне на земјите да ги поткрепат итните финансиски потреби, да ја стабилизираат макроекономската состојба и да ги ублажат негативните социоекономски последици од здравствената криза, вели ЕК, пренесе МИА.

Предлогот сега треба да биде прифатен од страна на Европскиот Парламент и Советот на ЕУ, како двете ко-одлучувачки тела на ЕУ. Комисијата бара од двете институции итно да дадат зелено светло.