Филипче најави скратување на полицискиот час

Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче од домашна изолација.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека сите рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот дале добри резултати и ќе останат во сила се додека состојбата е целосно под контрола и кога ќе помине пикот на болеста. Според него, најновите анализи сепак покажале дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита.

„Согласно тоа, предлогот е да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите, рече Филипче.

Тој додаде дека граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема како маска или марама на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метри.

24 излекувани, 1 починат и 7 новозаразени во последните 24 часа

Филипче претходно информираше дека седум нови случаи со коронавирус се регистрирани во изминатите 24 часа во државава и тоа три во Тетово и по два во Куманово и во Кочани, а во Градската општа болница „8 Септември“ починал 70-годишен пациент од Лабуништа.