Пад на француското БДП од најмалку 8 отсто поради корона-кризата

Гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилроа де Гало.

Францускиот Бруто-домашен производ годинава ќе опадне за најмалку 8 отсто, во зависност од тоа колку време ќе помине до целосно враќање на ситуацијата во нормала, по пандемијата на коронавирусот, рече денеска гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилроа де Гало.

„Сегашната криза е невидена досега по својата природа и е посилна од претходната криза“, рече гувернерот во интервју за весникот Журнал ди диманш.

„Франција би требало да забележи пад на БДП од најмалку осум отсто во 2020“, процени тој.

Француската влада исто така сега проценува дека БДП-то оваа година ќе опадне за 8 отсто.

Гувернерот додава дека секои 15 дена изолација на населението предизвикува пад на годишниот раст од околу 1,5 процентни поени и скоро исто толкав буџетски дефицит.

Тој исто така вели дека Франција нема одеднаш да премине во нормално опоравување кога ќе почне ублажувањето на мерките за изолација на 11 мај. Според него, тоа ќе биде „вториот чин“, кога истовремено треба да се градат здравствената и економска доверба за претприемачите и за вработените.

„Уште не го знаеме траењето на вториот чин до целосно опорвавување“, рече францускиот гувернер.

Тој оцени дека државата во голема мера ја амортизира кризата, дека огромната финансиска интервенција на државата апсорбира најмалку две третини од шокот и за толку го намалува неговото влијание врз домаќинствата и фирмите, но оти заштитничката улога на државата треба да се намалува како што ќе се одвива опоравувањето.

Тој оценува дека јавниот долг на Франција ќе се зголеми за најмалку 15 проценти и ќе достигне 115 проценти од БДП.

Гувернерот вели дека може да се очекува зголемување на потрошувачката на граѓаните по завршувањето на кризата, зашто граѓаните сега трошат многу помалку, а тоа може да го поттикне економскиот раст.

„Треба да се биде внимателен, но ММФ предвидува дека Франција наредната година (2021) може да има силен раст од 4,5 отсто“, рече тој.