Жртви, откази и молитви за Џонсон

МАКЕДОНИЈА - Државниот инспекторат за труд апелира до вработените да не потпишуваат договори или отказни решенија ако не се сигурни што тие значат. Препорака е да се внимава што се потпишува или да се направи консултација со стручни лица. До Инспекторатот веќе се стигнати претставки од работници кои се принудени на потпишат отказни решенија или им се нудат договори за работа со скратено работно време.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни во Скопје починале 4 пациенти заболени од коронавирус: пациент од Куманово (52), пациентка од Лабуништа-Струга (65), пациентка од тетовски Челопек (62) и една пациентка од Штип (81), како и дека во Куманово, во неговиот дом, починал уште еден пациент позитивен на коронавирусот, на возраст од 53 години. Во изминатите 24 часа, регистрирани се 29 нови случаи, позитивни на коронавирусот.

МАКЕДОНИЈА - Угостителите од земјава, кои по стапувањето на сила на уредбата на државата и мерките за заштита од вирусната инфекција не работат, на заедничка прес конференција во рамки на Туристичко- угостителската комора на Македонија, соопштија дека нема да ги користат владините мерки за помош, бидејќи, како што велат, така доплнително ќе се задолжеле.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со тага ја примил веста оти британскиот премиер Борис Џонсон е префрлен на интензивна нега, откако се влошија неговите симптоми на коронавирус. Тој е пријател на нашата земја и Американците се молат за него, рече Трамп.

СРБИЈА - Сите позитивни пациенти на Ковид-19 ќе бидат лекувани во болници, оние без симптоми или со блага клиничка слика во привремените болници, а тие со потешка клиничка слика во Ковид-болниците, одлучи српската Влада.

АЛБАНИЈА - Новите казнени мерки, кои треба да гарантираат последователни иницијативи за ублажување, ќе бидат многу силни, но се надевам дека нема да страда ниту еден, затоа барам од сите да бидат коректни, предупреди денеска албанскиот премиер Еди Рама, најавувајќи заострување на мерките за заштита од коронавирусот, како и казните за прекршителите.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација СЗО предупредува дека во пандемијата со коронавирусот на светот му недостасуваат 6.000.000 медицински сестри. Обединетите нации заедно со здруженијата Нега сега и Меѓународен совет на медицински сестри (ИЦН) ја истакна клучната улога на медицинските сестри кои го сочинуваат половина од медицинскиот персонал во светот.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон ја помина ноќта на интензивна нега во една централна лондонска болница, откако се влошија неговите симптоми на коронавирусот. Даунинг стрит објави дека Џонсон бил пренесен по совет на неговиот медицински тим и му била укажана „одлична грижа

ШВЕДСКА - Шведската влада, критикувана за досегшното справување со здравствената криза со коронавирусот, предложи да се донесе закон за привремено проширување на нејзините овластувања за борба против пандемијата. Тоа пак, предизвика критики од опозицијата. Новиот закон ќе и овозможи на владата предводена од социјалдемократот Штефан Левен да преземе мерки како што е ограничување на јавните собири или затворање на деловните активности без одобрение од парламентот.

САД - Над 100 глобални организации и добротворни групи побараа откажување на долговите на најсиромашните земји во светот за да им се помогне во справувањето сопандемијата на коронавирус. Барањето е испратено до владите на Г20, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Во него се бараат мерки за откажување на исплатите на долгот во 2020 година и процес за намалување на должничкото оптоварување преку целокупно откажување на долгот во наредните години.