Нови две жртви од коронавирус во Куманово

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вечерва соопшти дека починале уште две лица во Куманово. Тој информацијата ја сподели преку вклучување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

„За мене вечерва не е добра. Само што ми потврдија од Центарот за јавно здравје дека починаа уште двајца сограѓани“,рече Димитриевски.

Претходно денеска министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови пациенти со коронавирус во земјава: четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и Штип. Со тоа вкупниот број на дијагностицирани достигна 570 луѓе.

На Инфективната клиника, информираше министерот, починале тројца пациенти – 40-годишен жител на Кочани, без познати минати заболувања и двајца тетовци – 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања, со што вкупниот број на починати во Македонија се искачи на 21 лице.