Четврта жртва од коронавирусот, се најавува ревизија на случајот

Министерот за здравство Венко Филипе

Министерството за здравство информираше денеска дека 66 годишна жена од околината на Струга е четвртата жртва од коронавирусот, а во изминатите 24 часа регистрирани се нови 22 случаи. Пациентката, според соопштението, имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок. Болеста и била дијагностицирана во текот на вчерашниот ден, а заболен е и нејзиниот сопруг. Од министерството најавуваат ревизија на случајот.

Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар на 13 Март биле на гости во градот и имале контакт со еден од заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација.

„Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница. Заради ова, Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај“, се наведува во соопштението.

Филипче: Добро што во моментов имаме линеарно зголемување на бројот на случаите

Најмногу од новите случаи односно 9 се во Скопје, потоа по три случаи има во Куманово и Струга, а по два случаи има регистрирано во Тетово, Дебар и Прилеп, а еден во Битола. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 241 лице.