Чулев: прекршителите на полицискиот час ќе бидат спроведени во станица

Архивска фотографија- Наќе Чулев, министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска преку видеобраќање ги информираше граѓаните за полицискиот час кој од денеска стапи во сила на територијата на цела држава и според кој забрането е движење на сите граѓани од 21 часот до 6 наутро за да се спречи ширењето на коронавирусот. Тој повтори дека од забраната за движење има исклучоци и ги прецизираше по денешниот состанок на координативното тело.

„На работниот состанок утврдивме дека исклучоците од ограничувањето на движењето ќе важи за вработените во армијата и полицијата, потоа за одредена група вработени во здравството, контролата на летање во МНАВ, Основното јавно обвинителство, дистрибутерите на стока и храна, вработените во обезбедување и вработените во телевизиските куќи. Секако, доколку постои потреба од итност листата на субјекти чии вработени исклучени од наредбата може да се надополни, по претходна согласност од страна на МИОА“, наведува Чулев.

Тој прецизира дека дозволата за движење во наведениот период ќе ја издава Министерството за информатичко општество и администрација во пишана и електронска форма и чија веродостојно ќе се потврдува преку баркод. Министерот додава дека за другите лица кои ќе го прекршат полицискиот час ќе бидат спроведени во полициска станица и кон истате ќе се поднесат соодветни пријави.