Мицкоски: купувајте македонски производи за да и помогнеме на економијата

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска објави видео порака во која наведува дека коронавирусот не само што го напаѓа здравјето на граѓаните, туку ја разорува и економијата и оценува дека компаниите кои се најдиректно изложени на штетните последици од пандемијата губат по 110 милиони евра месечно.

„Купувајте македонски производи и спасете работно место. Секој човек во економскиот свет е потрошувач, трошете паметно и купувајте производи произведени во Македонија за да и помогнете на економијата, а највеќе да помогнеме да се сочуваат работните места, а така си помагаме себеси“, наведе Мицкоски нагласувајќи дека отстувуваат брзи економски мерки на властите.

Стопанството инфицирано од коронавирусот бара лек од владата

Владата, пак, вчера соопшти дека преземале пакет мерки како определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, малите и средните компании и поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за април, мај и јуни 2020 година.