Кина реагира на твитот на Трамп -„кинески вирус“

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска реагираше на твитот на американскиот претседател Доналд Трамп, во кој КОВИД-19 го нарекува „кинески вирус“. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг истакна дека Пекинг остро се спротивставува на употребата на тие зборови од страна на Трамп.Tој додаде дека „САД прво треба да се посветат на своите проблеми“.

Првиот случај на Ковид-19 беше регистриран во кинескиот град Вухан кон крајот на минатата година. Но, минатата недела, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи објави теорија на заговор, тврдејќи дека американската војска го внела вирусот во областа, јави Би-Би-Си.

Веднаш потоа американскиот државен секретар Мајк Помпео побара официјален Пекинг да престане да шири „дезинформации“ обидувајќи се да ја „префрли вината“ за ширење на инфекцијата.

Светската здравствена организација предупреди дека вирусот не треба да се поврзува со кој било регион или група на луѓе поради ризик од стигматизација.