Чулев: 310 граѓани во изолација под полициска контрола

МВР превзема широк спектар на мерки и активности со цел заштита на граѓаните на нашата држава. Во рамките на министерството формирано е координативно тело со највисоките претставници на министерството кое секој ден во 8.30 часот има состанок на кој се дискутира за активностите на МВР и се издаваат соодветни инструкции за постапување. Потоа следува состанокот во Кризниот штаб во Владата, информираше на денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Според министерот, МВР регистрирало три случаи на непочитување на мерката за самоизолација на лица во Тетово и Струмица, а четири случаи се проверуваат во Скопје. Тој апелираше до граѓаните да се воздржат од патување и собирање во поголеми групи и соопшти дека во МВР е отворена бесплатна телефонска линија.

„На оваа телефонска линија сите граѓани можат да се информираат за сите активности од ингеренциите на МВР. Бројот е 0800 02 01 и телефонскиот број ќе работи 24/7, на македонски и албански јазик. Истовремено, отворено е и имаил адреса за поставување на прашања или пријавување на непочитување на мерките и тоа на mvrinformaciiuslugi@gov.mk“, рече Чулев.

Тој појасни дека полицијата во моментов обезбедува 310 граѓани кои се во изолација поради тоа што биле во контакт со заболени од корона вирусот.

„Освен Дебар и Жупа, кои се целосно под изолација, СВР Скопје моментално обезбедува 173 лица под изолација, СВР Битола 13, Тетово 16, каде што е констатирано едно прекршување на мерката изолација и за кое постапува ОЈО Тетово. Натаму, СВР Охрид чува 82, Струмица 12 под мерка здравствен надзор. Едно лице од Струмица излегло од изолација своеволно, крим-полицијата му поднела соодветна пријава. Во Куманово полицијата чува 6, во Штип 8 лица под изолација“, рече Чулев, додавајќи дека специјалните сили спречиле 14 обиди за напуштање на Дебар и Центар Жупа без лекарска дозвола.