Политичари, фудбалери и заразени

БУГАРИЈА - Бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека Владата ќе побара од Парламентот да прогласи вонредна состојба во државата поради ширењето на новиот коронавирус.

МАКЕДОНИЈА - Владата одлучи во Дебар и Центар Жупа да се прогласи кризна состојба, односно да биде ограничено движењето во и од двете општини, откако се утврдени четири нови пациенти со коронавирус, поврзани со брачната двојка од Дебар, кои беа втор и трет случај на заболени, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

РОМАНИА - Романскиот премиер Лудовик Орбан изјави денеска дека ќе се стави во самоизолација, а тоа ѝ го предложил и на целата негова Влада, откако биле во контакт со сенатор кај кој подоцна бил утврден коронавирус, пренесе германската новинска агенција ДПА.

ТУРЦИЈА - Турската полиција во Адана осуди три лица на по 125 години затвор за потонувањето на гумениот чамец, по што на 2 септември 2015 година животот го загуби и тригодишното дете од Сирија, Ајлан Курди, чие безживотно тело беше пронајдено на плажата, пренсе ДПА. Снимката со починатото дете на плажата, што ја потресе целата светска јавност, беше една од најгледаните таа година.

СИРИЈА - УНИЦЕФ ја повика јавноста и владите на државите да не ги оставаат на цедило децата во Сирија, земјата која девет години е опустошена од војна. Како што соопшти УНИЦЕФ, секои десет часа во Сирија, поради војната, едно дете го губи животот. Организацијата проценува дека 2,8 милиони момчиња и девојчиња не одат во училиште, од кои голем број никогаш не ни оделе, пренесоа светските новински агенции.

КАНАДА - Канадскиот премиер Џастин Трудо ќе остане во карантин следните 14 дена откако е утврдено дека неговата сопруга, Софи Грегори Трудо, е позитивна на коронавирусот. Таа имала благи симптоми и се чувствува добро и исто така ќе остане во изолација 14 дена.

ГРЦИЈА - Новоизбраната претседателка на Грција, Екатерини Сакеларопулу, денеска во парламентот положи свечена заклетва, а веднаш потоа, во претседателската палата и официјално ја презеде функцијата од Прокопис Павлопулос. Честитањето беше без ракување и прегратки поради коронавирусот.

ШПАНИЈА - Европската фудбалска асоцијација УЕФА одлучи да се прекине натпреварувањето во Лигата на шампионите и во Лига Европа поради кризата со коронавирусот.