Заев: промената на имињата на училиштата во Чаир е согласно законот

Архивска фотографија- претседателот на СДСМ Зоран Заев

Претседателот на СДСМ Зоран Заев објави дека по темелна анализа правни тимови констатирале и го информирале оти промената на имињата на двете основи училишта во Општина Чаир е законска.

„Вчера и денеска ги проверивме сите аспекти од постапката на носење на имињата на основните училишта во Чаир. После темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Баденетерово мнозинство не било неопходно“, наведува Заев во објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук

Вчера Заев рече дека промената на имињата на двете училишта во општина Чаир е спроведена низ незаконска постапка и побара од Централниот регистар да ја коригира веднаш одлуката затоа што, како што рече, не постои одлука на Советот на општина Чаир.

„Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.

Претходно министерот за образование Арбр Адеми на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во општина Чаир да се преименуваат. Според записот од Централен регистар кој го објави Адеми, училиштето Никола Вапцаров сега се вика Имри Елези, а Рајко Жинзифов е преименувано во Исмаил Ќемали.

Во 2012 година општина Чаир постави и табли со новите имиња на училиштата, но тогаш Министерството за образование и наука не даде согласност за преименување.