Низ светот аларм за коронавирусот, во Кина опаѓање на бројот заболени

Илустрација

Коронавирусот се шири низ иранскиот парламент, се ограничува патувањето и кон други кризни региони меѓу кои и Италија, а Јужна Кореја се подготвува да пренасочи милијарди долари за справување со вирусот. И додека бројот на заразени на Блискиот исток, Европа и Јужна Кореја расте, во Кина се намалува, а илјадници оздравени пациенти се пуштаат дома. Поради зголемениот број заболени во Соединетите Американски Држави училиштата и јавниот превоз се дезинфецираат, а се засилуваат напорите за развој на вакцината.

„Ние сме на непозната територија“, рече шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебреизус.

Во Иран, каде што заболени се и 23 актуелни пратеници, вирусот досега уби 77 луѓе што е најмногу по Кина каде што првично се појави. Во Јужна Кореја денеска има најмногу потврдени заболени во еден ден, 851 лице, а досега вкупно 5 186 имаат коронавирус во таа земја и 31 починат. Владата планира да релоцира околу 25 милијарди американски долари за клиниките, помош за малите бизниси и други мерки поврзани со вирусот. Во Кина, пак, паѓа бројот на заболени, а денеска се регистрирани 125 случаи, што е помалку од вчерашниот број 202.

Во Италија продолжува да расте бројот на заболени и досега има 2036 потврдени случаи, а властите велат дека за околу две недели ќе се знае дали мерките меѓу кои и карантин за 11 града, дале резултати. Вкупно повеќе од 90 000 луѓе се заболени во светот, а починаа 3100 во 70 земји.