Мицотакис и лидерите на ЕУ во посета на грчко- турската граница

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, како и потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, придружувани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска ќе ја посетат грчко- турската граница кај Еврос, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, јави МИА од Атина.

Според официјалната програма, по пристигнувањето во Александруполи, тие со хеликоптер ќе надлетаат над копнената граница со Турција, по што ќе бидат информирани за ситуацијата од началникот на Генералштабот на грчката армија.

Грчки владини извори вчера брифираа дека од саботата во шест часот наутро до 18 часот вчера попладне спречени биле 24.203 обиди за нелегален влез во Грција, а уапсени се 183 лица. Според истите извори, вчера за 12 часа бил спречен нелегален влез во Грција за 4354 лица, а биле уапсени 42 мигранти, главно од Авганистан, Пакистан и Мароко.