Илјадници луѓе се собраа на турската граница со Грција откако Ердоган „ги отвори вратите“

Сириски бегалци се качуваат во автобус во близина на Одрин

Меѓународната организација за миграции соопшти дека најмалку 13 илјади луѓе се собраа на турската граница со Грција, откако Анкара вчера сигнализираше дека нема да ги спречува мигрантите од Турција да заминат во Европа.

Грчките власти, кои најавија засилување на граничните контроли, соопштија дека спречиле скоро 10 илјади обиди за нелегален влез во земјата. Грчките граничари користеле солзавец и шок бомби против мигрантите на граничната линија кај селото Кастањес.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека „ги отвора вратите“ за бегалците кон Европа. Тој ја обвини ЕУ дека не ги исполнува ветувањата од договорот од 2016 година, според кој Турција требаше да добие милијарди евра помош за Анкара да помогне во стопирање на приливот на бегалци.

Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен изрази загриженост за состојбата на надворешните граници на ЕУ со Турција.

„Наш главен приоритет во оваа фаза е да осигураме дека Грција и Бугарија ја имаат нашата целосна поддршка“, напиша таа на Твитер.

Грција беше каналот преку кој во 2015 и 2016 година стотици илјади мигранти влегоа во Европа.