Убедлива победа на Бајден во Јужна Каролина

Сенаторот од Вермонт Берни Сандерс и поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, однесе убедлива победа на внатрешните избори на Демократската партија за избор на кандидат за претседател во Јужна Каролина, благодарејќи на големата поддршка од афроамериканските гласачи.

Демократите избираат кандидат кој ќе му се спротивстави на претседателот Доналд Трамп на претседателските избори во ноември.

Според 96 отсто од пребројаните гласови, Бајден добил поддршка од 48,7 отсто од гласачите, додека сенаторот од Вермонт Берни Сандерс 19,9 отсто, а милијардерот Том Стајер 11,4 отсто. Сите останати кандидати имале едноцифрена поддршка.

Стајер, кој вложи многу пари во Јужна Каролина за да ја привлече поддршката на афроамериканските гласачи, во меѓувреме се откажа од кандидатурата за претседателска номинација на демократите.

Според излезните анкети, Бајден добил поддршка од 64 отсто од Афроамериканците, додека Сандерс го поддржале 15 отсто од нив. Бајден му беше потпретседател на првиот црн американски претседател, Барак Обама.

Сандерс во моментов е фаворит за освојување на номинацијата.

По успехот на Бајден во Јужна Каролина исто така се поставува прашањето колку долго останатите кандидати ќе можат да останат во изборната трка.

На Бајден му беше неопходна победа после лошите резултати во Ајова и Њу Хемпшир, како и после второто место во Невада.

Изборите за претседателска номинација на демократите продолжуваат на 3 март, на таканаречениот „супер вторник“, кога се гласа во 14 сојузни држави.