Докторите на Клиниките се борат за животот на повредените од Романовце

Илустративна фотографија.Клинички центар во Скопје, државна болница.

Седуммина повредени во денешната несреќа предизвикана од експлозија на плинска боца во селото Романовце, во која загинаа три деца, се донесени на Клиниките во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче кој попладнето ги посети пациентите нагласи дека четворица од нив се во исклучително тешка состојба, со голем степен на изгореници и се наоѓаат во животна опасност.

„Од четворицата хоспитализирани, двајца мажи на 60 годишна возраст се наоѓаат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. На одделот за Интензивна нега на клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување се примени две жени на возраст од 40 и 45 години" изајви министерот Филипче.

Од тројцата пациенти во „Св. Наум Охридски-Скопје“ една од повредените е жена на 40-тина години и е во одделот за интензивна нега, а на 20 годишна пациентка, која е бремена, и се вршат дополнителни испитувања.

Во Старата Градска болница е примено и дете со мал процент изгореници.

Сочуство за трагичното губење на детските животи денеска изрази премиерот Зоран Заев. Тој на неговиот фејсбук профил напиша дека се надева оти трагедијата нема да биде поголема и дека сите седумина тешко повредени ќе закрепната набргу. Истовремено тој им даде подршка и почит на дежурните екипи за навремената реакција и на тимот во Клиничкиот центар кој се грижи за повредените.

Несреќата со експлозијата на плинската боца се случи околу 10 часот изутрината , на приземјето на семејна куќа каде што се наоѓале повеќе членови од семејството

СВР Куманово соопшти дека од експлозијата настанал пожар во кој трите деца починале на лице место.

Противпожарната единица интервенирале за гаснење на пожарот што кај нив бил пријавен во 10:10 часот, а го гаснеле до 11.10 часот.