Ахмети за „Монструм“: јас и ДУИ дававме придонес за расчистување на случајот

Скопје- Али Ахмети пристигнува во суд да сведочи на судењето за случајот „Монструм“, 21.02.2020

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешното сведочење за случајот „Монструм“ кажа дека за петкратното убиство кај Смилковкото Езеро дознал наредниот ден и оти имал повеќе разговори со негови соработници, како и со претставници на меѓународната заедница, со цел да не се злоупотреби настанот. Стравувале дека овој случај може да доведе до судири и несакани случувања, тој и ДУИ давале придонес да се расчисти случајот.

„Сме разговарале со политички авторитети затоа што политичките авторитети, политичките партии имаат одговорност за да ја менаџираат ситуацијата и на крај наша проценка беше дека постапката мора да се повтори со биолошки, со материјални докази, на најтранспарентен начин за целата јавност, затоа што овој случај е навистина трагедија и ако не се расветли така како што треба може да има последици“, кажа Ахмети.

Освен Ахмети, како сведоци се повикани и неговите сопартијциЏелал Бајрами и вицепремиерот Бујар Османи.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.