Една од деветте жртви на пукањето во германскиот град Ханау е романски државјанин, соопшти денеска романскиот претседател Калус Јоханис. Романските медиуми пишуваат дека жртвата е 23 годишниот Виорел Паун. Германското обвинителство наведе дека деветте жртви се убиени во двата одвоени напади во наргиле барови, по што убиецот, идентификуван како Тобиас Р. се вратил дома, ја застрелал мајка и себе си. Властите сметаат дека тој дејствувал сам и го третираат актот како тероризам.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека доказите упатуваат на тоа дека напаѓачот кој уби девет лица во германскиот град Ханау бил „отруен од расизам“.
Како одговор на нападот германските Социјал-демократи, кои се дел од владината коалиција, побараа од домашните разузнавачки служби да ги набљудуваат активностите на крајно десничарската партија Алтернатива за Германија која во моментов е најголема опозициска партија во парламентот. Засега нема докажана поврзаност на убиецот со таа партија.
Инаку вчера, турското министерство за надворешни работи соопшти дека пет турски државјани се убиени во нападот, бугарската конзулка кажа дека жртва е и еден бугарски државјанин, а и Босна и Херцеговина потврди дека меѓу загинатите има и еден нивни државјанин.