Обвинителството постапува за меѓусебните обвинувања во МВР

Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство во Скопје

Основното јавно обвинителство денеска соопшти дека ги проверува наводите од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој вчера од нив побара истрага за одржаната седница на Владата минатата недела и на донесената одлука за поништување на решенијата донесени од него.

„За таа цел, надлежниот јавен обвинител поднесе барање до Владата на РСМ за обезбедување на потребните податоци и писмени докази кои се однесуваат на наводите“, наведува обвинителството.

Од таму информираат и дека претходно до нив кривична пријава за Чулев поднела дополнителниот заменик министер во МВР Славјанка Петровска за кривичните дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Несовесно работење во службата за донесената телеграма од 08.01.2020 година од министерот со која се известуваат раководителите на организациони единици во МВР дека решенијата за распоредување потпишани од поранешниот министер за внатрешни работи кои не се врачени не треба да им се врачуваат на вработените на кои се однесуваат.

„Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик на министерот од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази“, информираат од ЈОРМ.