Во Украина поставен споменик на жртвите од соборениот авион во Иран

На аеродромот во Киев е откриен споменик во чест на жртвите на украинскиот авион што се урна во Иран минатиот месец. На 8 јануари се урна украински авион Боинг 737-800 по полетувањето од аеродромот во Техеран, при што загинаа сите 176 присутни на летот. Три дена потоа, Иранската револуционерна гарда призна дека авионот бил соборен по грешка, од страна на воздушната одбрана на земјата, во услови на зголемени тензии во регионот.

Украинските власти денеска ја открија спомен плочата на која пишува „ПС 752, 08.01.2020“, што се всушност бројот на летот и датумот на уривањето на авионот. На церемонијата присуствуваа роднини на жртвите, како и претставници на политичкиот врв. Беа присутни и претставници на други земји кои загубија свои граѓани во несреќата, како претставници од Авганистан, Велика Британија, Канада, Германија, Иран и Шведска.

Од Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина побарале од иранската страна да се формира заедничка истражна група за истрага на случајот, што ќе резултира со казнување на сите виновни, не само на човекот кој го притиснал копчето за уривање на авионот.