Пи мерки во „Рекет“- Боки 13 ја посетувал Јанева во нејзиниот дом

Архивска фотографија- Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година

Бојан Јовановски – Боки 13 се гледал со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и одел кај неа, во нејзиниот дом, покажале снимките од ПИ мерките кои денеска се пуштаа во судница на рочиштето за предметот „Рекет“ во кој обвинети се Боки 13 и Јанева. Според одбраната во снимките нема ништо спорно.

„Да видиме Обвинителството какви заклучоци ќе извлече, но ние не гледаме каков било доказ дека со овие мерки се открива нешто инкриминирачко за било кој од обвинетите. Не гледаме ништо чудно во тоа. Они не кријат дека имале контакти“, истакна адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев.

Одбраната на неколку пати реагираше дека обвинителството ги изведува несоодветно материјалите од ПИ мерките, односно дека тоа што се чита не соодветствува со видео снимките кои се прикажуваат, како и дека треба подобро да се објаснуваат доказите.

Обвинителката Вилма Русковска, рече дека такви се извештаите од МВР, односно ги чита како што ги добила. Од прикажаните видеа се гледа дека биле следени возило порше со бугараки ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваа и снимки од барот Интермецо, ресторан Воденица, во кругот на фабриката Охис и други локации во Скопје во јуни 2019, кога биле наредбите за ПИ мерки.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска.

Во случајот обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Јовановски и Милевски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.