ОН ја усвои резолуцијата за прекин на огнот во Либија, Русија не гласаше

Архивска фотографија- седница на Советот за безбедност на Обединетите нации

Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуцијата за прекин на огнот во Либија, додека Русија се воздржа од гласањето противејќи се на некои термини кои ги има во неа. Текстот кој е подготвен од Британија беше одобрен на 12 февруари од другите 14 држави членки на Советот за безбедност по недели дебата и препукувања.

Во резолуцијата се повторува потребата од продолжување на прекинот на огнот што е можно поскоро и без предуслови и се изразува загриженост поради зголемената вклученост на војници платеници во Либија. Русија притискаше зборот платеници да биде заменет со странски терористички борци.

Либискиот генерал Калифа Хафтар е обвинет од експертите на ОН и дипломати дека е помогнат од руски платеници кои се борат за неговата Либиска национална армија. Русија официјално ја негира вклученоста во граѓанската војна во Либија која е втурната во насилство по убиството на долгогодишниот владетел Муамер Гадафи во 2011 година. Земјата сега има две влади, едната поддржана од Обединетите нации и се наоѓа во Триполи, а другата е владата на Либиската национална армија предводена од Хафтар.