Рохани побара од Иранците да гласаат на парламентарните избори

Техеран- иранскиот претседател Хасан Рохани на одбележувањето на 41 година од Исламската револуција, 11.02.2020

Иранскиот претседател Хасан Рохани го искористи говорот по повод одбележувањето на годишнината од Исламската револуција од 1979 година да побара од иранските гласачи да излезат на претстојните парламентарни избори.

Десетици илјади Иранци излегоа на улиците на Техеран и други градови денеска на годишната прослава и покрај незадоволството од лошата економија во земјата која е силно погодена од американските санкции и лутината меѓу населението поради уривањето по грешка на украинскиот авион минатиот месец.

Држејќи ирански знамиња и слики од основачот на Исламската република Ајатолахот Рухола Хоменеи Иранците се собраа на централниот плоштад во Техеран каде што се обрати Рохани. Тој побара од гласачите да не бидат пасивни на денот на гласањето 21 февруари и да излезат на избирачките места.