Расте бројот на заболени од коронавирусот на патничкиот брод во Јокохама

Јапонија- медицински комбиња на патничкиот брод на кој има болни од коронавирусот

Најмалку 61 лице на патничкиот брод кој е вкотвен во јапонското пристаниште Јокохама се заболени од коронавирусот, соопшти денеска владата на Јапонија. До вчера бројката на заболени беше 20, но се зголеми откако стигнаа резултатите од тестирањето кои покажаа дека коронавирус имаат уште 41 патник.

Меѓу присутните во бродот, како што информираше вчера македонското министерство за надворешни работи, се тројца македонски државјани. Јапонските власти информираат дека меѓу ново заболените има 21 Јапонец, Американци, Канаѓани, Австралијци, Аргентинци и Британци.

Како што се информира, тестирани се 273 луѓе во бродот кои се во карантин откако на патник му беше дијагностициран коронавирусот. Во бродот има околу 3700 луѓе. Тој во Јапонија пристигна во понеделникот вечерта и од тогаш е вкотвен во Јокохама. Патниците најверојатно ќе останат во карантин до 19 февруари.

Инаку, бројот на починати од коронавирусот во Кина се искачи на 636 лица, а бројот на заболени на светско ниво на 31 000.