Хеликоптерот кај Струмица се урнал поради неосветлен антенски столб

Илустрација

Неосветлениот среднобранов антенски столб на ЈП „Македонска радиодифузија“ е причината за уривањето на полицискиот хеликоптер на 10 јули 2014 година кај Струмица, во кој загинаа четворица пилоти на МВР, сметаат вештаците Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет во Скопје и Стојко Пејовски, пилот во АРМ. Двајцата тоа го изјавија на денешното рочиште од судењето за хеликоптерската несреќа во Основниот суд во Струмица.

Во овој случај се обвинети Јулијана Спировска, тогашна директорка на ЈП „Македонска радиодифузија“, Драгослав Радески, технички директор и правното лице ЈП „Македонска радиодифузија“, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.

Во хеликоптерот произведен 2008 година на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.

Во моментот на уривањето на хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки МАР 7712, тој удрил во антенски столб на „Македонската радиодифузија“, а четворицата пилоти починале веднаш. Судењето продолжува на 27 март.