Пендаровски очекува Шпанија да го ратификува протоколот за НАТО во март

Архивска фотографија- Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски очекува дека ратификацијата на Протоколот за членство на земјата во НАТО во шпанскиот Парламент ќе биде завршена следниот месец. Пендаровски, кој се наоѓа во официјална посета на Полска, истакна дека ако се оди според планот кога станува збор за политичките текови, околу 10 март би требало тој процес да биде заокружен.

„Ќе останат само неколку технички детали кои треба да ги заврши Собранието во Скопје“, рече Пендаровски.

Шпанија е последна земја членка на НАТО која треба да го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, по што Скопје и официјално ќе стане 30-та полноправна членка на Алијансата.

Претседателот на македонското собрание Талат Џафери неодамна на брифинг со новинарите најави дека на 11 февруари Собранието ќе свика седница за ратификација на Протоколот за членството во НАТО.На 12 февруари, пак, собранието би требало да се распушти за да се одржат предвремените парламентарни избори договорени за 12 април 2020 година.