За 5 дена ќе се знае предлогот за новиот начин за проширување на ЕУ

Европската комисија својот предлог за нова методологија за процесот на пристапување во ЕУ ќе го претстави на 5 февруари во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград, повикувајќи се на информации на агенцијата Танјуг, која објавила дека еден ден подоцна, на 6 февруари, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, лично ќе ги изнесе новите упатства за политика за проширување на ЕУ за време на посетата на Белград.

Како што пренесува МИА, во Брисел оценуваат дека документот, кој треба да одговори на загриженоста на одделни земји-членки заради ефекасноста на досегашниот процес на пристапување во ЕУ, ќе биде „концизен“, со конкретни предлози за модернизација и подобра ефикасност на пристапниот процес, и како што јавил Танјуг, без промена на самата политика за проширување на ЕУ.

Одлуката за преговори со Северна Македонија и со Албанија се очекува на состанокот во Загреб во март. За тогаш, еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји, кој при неодамнешната посета на Скопје ја потврди европската перспектива за Западен Балкан, најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори.