Џинпинг: Ситуацијата со вирусот сериозна, но можеме да го победиме

Kинескиот претседател Си Џинпинг

Ширењето на новиот корона вирус се забрзува, предупреди кинескиот претседател Си Џинпинг, по состанокот на Политбирото на Комунистичката партија, за мерките за борба против ширење на корона вирусот. Тој порача дека Кина се соочува со сериозна ситуација во која корона вирусот многу брзо се шири.

Џинпинг се обиде да ги увери граѓаните, велејќи дека земјата дефинитивно ќе може да ја победи оваа битка и покрај извештаите дека се повеќе градови се под карантин. Кризата ги спречи прославите поврзани со лунарната нова година, најголемиот празник во Кина. Кинеската асоцијација за туристички услуги им порача на туристичките агенции да престанат со сите групни патувања, бидејќи милиони луѓе кои патуваат за време на празникот можат да го прошират ширењето на вирусот, како во земјата така и на други места.

Во Вухан веќе се градат две нови болници, со вкупно 2.600 кревети, за да има место да се згрижат сите заболени. Од новиот вид на коронавирус досега почина 41 човек, а заболени се над 1.300 луѓе во светот.