Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел денеска изјави дека Приштина мора да ги укине таксите и дека утре ќе побара од Белград да прекине со кампањата за повлекување на признавањето на независноста на Косово.
„Важно е да продолжи економскиот развој и таксите зголемени за 100 отсто мора да бидат укинати. Ова е единствената работа што треба да се повлече, а во исто време да се запре кампањата за повлекување на признавањето што ја води Србија, рече Гренел по средбата со мандатарот за состав на косовската влада Албин Курти.
Американскиот дипломат истакна дека неговата мисија е посветена на економскиот развој и дека царините мора да бидат укинати за да може да се напредува. Пораката за укинување на таксите тој синоќа ја пренесе и на косовскиот претседател Хашим Тачи.
Гренел утре ќе оди за Белград каде ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина. Пред средбата со него Вучиќ рече дека американскиот ентузијазам е „голем, добар и значаен, но не оди така лесно“ со забрзувањето на разговорите меѓу Белград и Приштина.
Гренел е во посета на двете земји неколку дена откако тој посредуваше за договорот меѓу двете страни со германската компанија Луфтханза за авиолинија Приштина-Белград.