Македонското собрание ќе го ратификува протоколот за НАТО ден пред распуштање

Архивска фотографија- Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери планира на 11 февруари да закаже седница со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Следниот ден, на 12 февруари, би требало да се одржи последната седница на која ќе биде распуштен сегашниот пратенички состав, и распишани предвремените парламентарни избори кои би требало да се одржат на 12 април 2020 година.

Од кабинетот на Џафери за МИА информираат дека до 11 февруари се очекува протоколот да биде ратификуван во Шпанија, последната од 29-земји членки кои досега го немаат направено тоа. Ако дотогаш не заврши процедурата во Шпанија, ратификацијата во македонското Собрание би била донесена со одложено дејство.

На 12 февруари, пак, ќе се одржи седницата за распуштање на Собранието. Џафери очекува седницата да заврши истиот ден имајќи предвид дека сите партии се согласни за одржување избори на 12 април.