Откажан протестот против законот за верски слободи во Црна Гора

Црна Гора - протест во Цетиње. 22.1.2020.

Планираниот утрешен протест во црногорскиот град Цетиње против контроверзниот нов закон за слобода на вероисповест е откажан, откако локално население изрази неодобрување на собирот.

Српската православна црква објави дека го одложила маршот закажан за 23 јануари, велејќи оти полицијата предупредила дека може да се случи „сериозно нарушување“ на јавниот ред за време на настанот.

Денешното соопштение на црквата доаѓа откако неколку илјади луѓе кои се спротивставија на маршот, излегоа на улиците на Цетиње и предупредија дека ќе го блокираат пристапот на демонстрантите до градот.

Цетиње е упориште на црногорското национално чувство, но исто така и седиште на владиката Амфилохие – поглават на црногорската Српска православна црква, која остро се спротивстави на неодамна донесената легислатива за слобода на вероисповест.

Донесувањето на законот минатиот месец доведе до чести протести низ Црна Гора организирани од црквата , како и во соседните земји Косово и Србија. Тоа исто така предизвика откажување на планираната посета на Црна Гора на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српската православна црква, нејзините поддржувачи и про-српскките опозициски партии стравуваат дека законот ќе и овозможи на црногорската Влада да одземе црковен имот, иако официјалните претставници негираат дека имаат таква намера.

Претходно денеска, црногорскиот премиер Душко Марковиќ за црногорската телевизија изјави дека е подготвен да ги продолжи дискусиите за законот со Амфилохие, но исто така рече дека единствена опција за црквата ќе биде да го оспори законот пред Уставниот суд.

Според законот, верските заедници мораат да докажуваат сопственост на имотот од пред 1918 година, во спротивно ќе се смета за државна сопственост.