Институт за јавно здравје- нема потреба од паника поради корона вирусот

Токио- жена во Јапонија носи маска како заштита од новиот смртоносен вирус

Нема потреба од паника и воведување посебни мерки во државава во врска со новиот корона вирус, што се појави во кинескиот град Вухан, а заразени се регистрирани и во други земји. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која се уште заседава, заклучи дека ќе се изготват дополнителни информативни материјали.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ќе достави информативни материјали до аеродромот во Скопје наменети за патниците во смисла кои превентивни мерки треба да ги преземат доколку патуваат во Кина, да избегнуваат пазари каде има живи, домашни и диви животни, да избегнуваат блиски контакти со луѓе кои имаат респираторна инфекција и ако имаат знаци на респираторна инфекција да избегнуваат густо населени простори и при кашлање и кивање да користат марамчиња или дел од облеката, изјави попладнево д-р Владимир Микиќ од ИЈЗ.

Посочи дека сè уште нема потреба од некои ригорозни мерки за скрининг на аеродромите, туку многу е поважно луѓето да знаат како да ја избегнат оваа инфекција и што да направат доколку имаат симптоми.

Инаку кинеските власти ги предупредија луѓето да не патуваат во и од Вухан, градот во кој изби епидемијата на короновирусот. Кинеската здравствена комисија соопшти дека 440 луѓе во 13 провинции биле заразени од новиот респираторен и смртоносен вирус од кои деветмина починале. Претходно Соединетите држави потврдија прв случај на вирусот, наведувајќи дека жител на државата Вашингтон кој се вратил од кинеската провинција Вухан, каде што најпрвин е регистрирана инфекцијата, бил хоспитализиран во Сиетел.