ВМРО-ДПМНЕ: ќе се обидеме да го ревидираме Договорот од Преспа

Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство, рече денеска на прес конференција потпретседателот на опозициската партија Владо Мисајловски. Тој додаде дека тоа не значи дека Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции.

„Напротив, Македонија ќе биде горд сојузник на нашите стратешки партнери, а странски инвестиции ќе има многу повеќе отколку сега, бидејќи странските инвеститори нема да ја заобиколуваат земјава притиснати од рекетот на соработниците на Заев“, рече Мисајловски.

Оваа реакција следува по прес конференцијата на претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој денеска зборувајќи во партиското седиште рече дека укинување на Договорот од Преспа со Грцијаќе биде опасно и може да ја врати земјата 25 години назад. Не верувам, рече Заев, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори, уште помалку дека ќе освои двотретинско мнозинство за да го смени Договорот, но, должни сме да укажеме на граѓаните што би се случило доколку тоа се направи.

„Дали ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би не вратило 25 години наназад и би го вратило ПЈРМ. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти“, рече на прес-конференцијата Заев.