Иран може да ја преиспита соработката со МААЕ, ако европските земји притискаат

Претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани.

Иран сериозно ќе ја преиспита соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), ако европските сили од кои било причини го активираат „неправедниот“ механизам за спор во нуклеарниот договор, изјави денеска претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани. Тој е поранешен главен преговарач на Техеран за нуклеарната програма.

Три светски сили потписнички на договорот за нуклеарната програма, Германија, Велика Британија и Франција минатата недела објавија дека го активирале механизмот за спорови во Заедничкиот сеопфатен план за акција, за да го принудат Иран да се врати на своите обврски од договорот. Со механизмот се ограничува иранската нуклеарна програма, а за возврат Иран се ослободува од меѓународни санкции. Со активирањето на механизмот може да се вратат санкциите за Иран.

„Она што го направија трите европски земји во врска со нуклеарното прашање во Иран е жално“, рече Лариџани. Тој вели дека ако европските земји неправедно го користи членот 37 од нуклеарниот договор, тогаш Иран ќе донесе сериозна одлука во врска со соработката со МААЕ.

Светските сили и Иран во 2015 постигнаа договор, а САД се повлекоа од него во 2018. Како одговор на американското повлекување, Техеран постепено ги намалува своите обврски од договореното.