Законот за јавно обвинителство прво во работните групи, па на лидерска

Архивска фотографија - Средба меѓу Зоран Заев и ристијан Мицкоски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев очекува до 12 февруари, кога Парламентот треба да се распушти, да ги донесе сите неопходни законски решенија, меѓу кои и Законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство. Тој денеска во Охрид изјави дека тоа е комплексен закон што и е потребен на земјата во европските интеграции.

„Тука сум на располагање да разговарам со сите за да изнајдеме решение. Сега сме растеретени затоа што предметите од СЈО се обезбедени, се во судска постапка под контрола на државниот јавен обвинител. Вака растеретени можеме во Парламентот да договориме структурно, суштинско решение за јавното обвинителство што би било поддржано од сите“, рече Заев.

Тој е спремен доколку е потребно за тоа да се разговара и на лидерска средба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вели ако треба да се одржи средба само ради реда, тогаш не сака да го губи времето.

„Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба“, рече Мицкоски.

Еврокомесарот Оливер Вархеји неделава, при посетата на Скопје изрази надеж дека сегашниот парламентарен состав ќе даде приоритет на законот за јавно обвинителство. Собранието има помалку од еден месец да го донесе законот пред да се распушти на 11 февруари за да се одржат изборите планирани за 12 април.