Претседателот на САД, Доналд Трамп ја одбележа 60-годишнината од потпишувањето на договорот за безбедност од страна на САД и Јапонија. Тој во минатото го критикуваше овој договор, а сега повика на подлабока соработка меѓу двете земји.
„Бидејќи безбедносното опкружување продолжува да се развива и да се појавуваат нови предизвици, неопходно е нашиот сојуз дополнително да се зајакне и да се продлабочи“, рече Трамп во изјавата на 18 јануари.
На прес-конференцијата во јуни 2019 година во Јапонија, Трамп рече дека договорот е „неправеден“ и треба да се менува. Тој неколкупати има речено и дека Токио треба да плати повеќе за трошоците за стационирање на американските трупи во Јапонија.
На 17 јануари годинава, двете земји објавија заедничка изјава на министерот за надворешни работи Тошимицу Мотеги и министерот за одбрана Таро Коно од јапонска страна и државниот секретар Мајк Помпео и секретарот за одбрана, Марк Еспер од американска страна, кои го пофалија сојузот меѓу двете земји.
„Додека ги почитуваме достигнувањата од изминатите 60 години ја повторуваме нашата непобедлива посветеност да го зајакнеме сојузот и да ги поддржуваме нашите заеднички вредности и принципи кон иднината“, се вели во заедничката изјава.
Договорот од 1960 година ги обврзува Соединетите Држави да ја бранат Јапонија, која според уставот по Втората светска војна се одрече од правото на војна. Американската војска ги користи јапонските воени бази.