Путин предлага уставни измени

Русија- претседателот Владимир Путин во обраќање до нацијата, 15.01.2020

Рускиот претседател Владимир Путин во своето годишно обраќање до нацијата побара да се направат измени во Уставот со кои ќе се засили моќта на парламентот пред завршувањето на неговиот мандат во 2024 година. Во денешното обраќање во дводомниот парламент Путин рече дека треба да има амандмани на Уставот од 1993 година со кои на државната дума ќе и се даде право да ги именува министрите, моќ која сега ја има претседателот.

Истовремено, тој рече дека Русија би требало да остане претседателска република, а шефот на државата да има права да го отпушти премиерот и министрите и да ги именува високите раководители во безбедносниот и одбранбениот систем. Сето ова, вели Путин, би требало како пакет да оди на референдум. Последниот референдум во Русија се одржа во 1993 година кога се донесе Уставот. Тогаш претседател на државата беше Борис Елцин.

Во контекст на уставните измени Путин сугерираше и заострување на критериумите за некој да стане претседател, наведувајќи дека кандидатот би требало да живее во земјата најмалку 25 години и да нема странско државјанство или дозвола за престој. Дополнително, тој рече и дека со измените треба да се осигура приоритет на домашното законодавство во однос на странското право.