Судењето за „ТНТ“ одложено поради здравствената состојба на Трајковски

Архивска фотографија- Екс-министерот Миле Јанакиески и екс-градоначалникот Тони Трајковски на судење за ТНТ

Судењето за уривањето на комплексот „Космос“ е одложено за 20 јануари откако новиот состав на судечкиот совет го прифати барањето на одбраната за одложување на рочиштето поради здравствената состојба на обвинетиот Тони Трајковски, поранешен градоначалник на Гази Баба.

Адвокатот на обвинетиот Трајковски, Јовица Страшевски на почетокот на денешното рочиште, реагираше дека неговиот клиент е под терапија и не е во состојба да учествува на судските рочишта. Обвинителот Бурим Рустеми, поради ваквите околности побара раздвојување на постапката за Трајковски, на што реагираше одбраната наведувајќи дека не може да се води постапка против поттикнувачи со раздвојување на постапката за обвинетиот извршител на делото.

Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово. Првото рочиште за судењето за „ТНТ“ се одржа на 24.01.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот се врати од почеток. За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески , Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.