Поради последиците од земјотресот во Албанија уапсени 27 лица

Архивска фотографија- урната зграда во Драч од земјотресот кој ја погоди областа лани во ноември

Албанските обвинители издадоа потерници за 38 лица поради непочитување на прописи при градба на згради што придонесе за уривања и оштетувања во Тирана и околните општини во земјотресот од 26 ноември. ТВ „Клан“ објави, дека во голема полициска акција 27 од лицата се веќе приведени, и оти се трага по останатите 11 лица. Меѓу нив има општински службеници, локални лидери и инженери, осомничени за фалсификување документи и издавање дозволи за нестабилни згради. Меѓу уапсените има и тројца поранешни градоначалници. Слична акција неодамна беше преземена и во Драч, каде беа уапсени 18 лица, но пола од нив беа ослободени.

Тирана претрпе големи штети во земјотресот, а уништувањето беше многу поголемо во близина на епицентарот на брегот на Јадранското Море, претежно во градовите Драч и Туман. 51 лице загинаа во урнатите згради.