ВМРО-ДПМНЕ: Во кое својство Заев се сретна со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј?

Архивска фотографија- Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски денеска рече дека владата се потчинува на Зоран Заев и се однесува како воопшто да нема техничка влада и технички премиер за спроведување на фер и демократски изборен процес.

„Владата и лично Оливер Спасовски мора да одговорат, во кое својство Оливер Спасовски го однесе партискиот лидер Зоран Заев на средба со Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, во седиштето на Цариградската патријаршија во Истанбул? Поканата од Вселенскиот патријарх се однесува на премиерот како политичка функција, а не лично до Зоран Заев“, рече Стоилковски.

Тој праша и зошто во владините соопштенија се наведува Заев кој не е дел од владина делегација и кој ги сноси трошоците за посетата на претседателот на СДСМ. Претходно денеска владината прес служба и СДСМ во одделни соопштенија информираа за средбата со Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Цариградската Патријаршија во Истанбул. Од владата соопштија дека на средбата биле премиерот Спасовски во придружба на претседателот на СДСМ Заев и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски. Средбата, како што соопшти владината прес-служба, се остварила како резултат на поканата што Вселенскиот Патријарх му ја упатил на Заев додека беше премиер.