Кривичен суд: да се истражат заканите и притисоците од адвокатите во „ТНТ“

Архивска фотографија- Основен кривичен суд - Скопје

Кривичниот суд смета дека се закани и притисоци писмата на адвокати застапници во судскиот случај ТНТ кои бараат разрешување на судија-поротник од Основниот кривичен суд.

„Основниот кривичен суд Скопје апелира до надлежните институции (Адвотатската комора, МВР, но и Обвинителството) да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата – поротник со цел да ја заштитат независноста и непристрасноста во судското постапување“, се наведува во денешното соопштение на судот.

Деновиве Јовица Страшевски, адвокатот на поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, испрати писма до претседателот на Судскиот совет со барање да свика итна седница за пензионирање на поротничката Лилјана Ивановска Кочковска, оти како што наведе, незаконски е таа да продолжи да суди бидејќи требала да биде во пензија. Страшевски ја предупреди и поротничката дека ако се појави на судење ќе направела кривично дело.

И Мерџан Даут, адвокатот на Елисавета Најдовска обвинета во истиот предмет деновиве повторно побара да му се обезбеди превод на документите и одбраната да ја води на албански јазик.

Очигледно е дека поединци-адвокати се вистински кочничари на оваа судска постапка, наведуваат од Кривичниот суд, додавајќи дека адвокатот лично во мноштво други судски постапки го користел исклучиво македонскиот јазик.