Осуда на ССНМ и ЗНМ за заканите кон новинарите на ИРЛ

Логото на Здружение на новинари на Македонија ЗНМ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ги осуди заканите кон новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), по добиени пријави дека закани биле упатувани кон новинарката на ИРЛ Маја Јовановска за објавена истражувачка сторија во која се истражувани постапките при градежни активности во скпската населба „Тафталиџе.“

Осуда за притисоците кон Јовановска даде и Здружението на новинари на Македонија, посочувајќи дека заканите кон екипата на ИРЛ се „сериозен обид да се замолчи истражувачкото новинарство.“

Во реакцијата на ССНМ се вели дека Јовановска на својот телефон добила низа пораки од бизнисменот Зоран Азманов во кои тој се обидувал да „изигрува уредник“ и да дава насоки како требало да се пишува за градежните активности и дека, како што посочиле колегите од ИРЛ, тој продолжил со заканувачки и клеветнички пораки и по реакцијата на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска која на Азманов му посочила дека несоодветно се однесува, дека врши притисок и го упатила ако има забелешки да ги достави до новинарските здруженија.

„Освен пораките од Азманов, Јовановска добила и повици од непознат број при што и биле пуштани звуци од експлозија. ССНМ го повикува Министерството за внатрешни работи како и другите соодветни институции да ги преземат сите соодветни мерки за пронаоѓање на сопственикот на телефонскиот број, како и да го повикаат бизнисменот Азманов да објасни зошто испраќал недолични пораки, закани и клевети кон новинарката“, велат од ССНМ.

ЗНМ во соопштението наведува оти очекуваат во најбрзо време во МВР да биде повикан бизнисменот Азманов и да образложи зошто ја вознемирувал новинарката со недоличен говор и елементи на закани и дискриминација.

„ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се ангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканувало на колешката Јовановска“, велат од ЗНМ.

Од ССНМ наведуваат дека безбедноста на новинарите е од исклучително значење за демократските процеси во Македонија и дека без решавање на ваквите случаи новинарите и медиумските работници нема да можат да работат слободно и професионално.