Ердоган во ненајавена посета на Тунис за решавање на состојбите во Либија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска престојуваше во ненајавена посета на Тунис, каде со својот туниски колега Каис Саид разговараше за можноста за прекин на огнот во соседна Либија. Анкара ја подржува меѓународно признатата влада во Либија. Либиската влада се бори со Либиската национална армија на одметнатиот генерал Халифа Хафтар.

Ердоган изјави оти верува дека Тунис може конструктивно да придонесе за воспоставување стабилност во Либија. Тој, говорејќи на заедничката прес-конференција со претседателот на Тунис, Каис Саид, исто така ја потврди подготвеноста на Анкара да испрати трупи во Либија доколку добие такво барање.

Според туниските закони претседателот е надлежен за надворешни работи, одбрана и безбедност. Главните интереси на туниската надворешна политика традиционално се за одржување на силни врски со нејзините, многу поголеми соседи, Алжир и Либија.​

Посетата на Ердоган се случува во момент кога Турција настојува да постигне договор со медитеранските држави и покрај спорот кој Анкара го има со Грција околу користењето ресурси на дното на морето во близина на Кипар.

Минатиот месец Турција потпиша поморски договор со либиската Влада, по што Атина реагираше дека со тоа се прекршува меѓународното право.

Ердоган, е првиот шеф на државата што го посетува Тунис по убедливата победа на Саид во октомври. Тој изјави дека развојот на настаните во Либија има негативно влијание врз соседните држави, вклучително и на Тунис.