МНР негира дека Димитров знаел за рекетот

Никола Димитров

„Груба лага“ е изјавата на почесниот конзул на Летонија, бизнисменот Зоран Митровски дадена на денешното рочиште за случајот „Рекет“, реагираат од Министерството за надворешни работи.

Митрески денеска сведочеше дека го информирал нерезидентниот амбасадор на Летонија во земјава дека Бојан Јовановски му барал два милиони евра рекет за да го спаси од истраги на СЈО. Тој рече дека потоа амбасадорот му го пренел тоа на министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што Митровски добил порака дека нема да има веќе проблем со Јанева.

Во реакцијата се посочува дека со поранешниот нерезидентен амбасадор на Летонија за земјава Албертс Сарканис, министерот Димитров имал многу кус, сосем неформален разговор за време на дипломатски коктел. За време на разговорот не станало збор за аферата „Рекет“, стои во соопштението.

„Амбасадорот, за време на тој неформален разговор точно е дека го спомнал почесниот конзул на Летонија, бизнисменот Зоран Митровски, ама само за да се пожали дека тој во медиумите бил спомнуван како осомничен во отворена истрага. Темата „Рекет” никогаш не е спомната“, се наведува во соопштението

Подоцна, согласно протоколот, се додава во соопштението, Кабинетот на Димитров побарал средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но токму конзулот Митровски немал интерес за официјална средба и никогаш не дошол на состанок.