Македонскиот олимписки комитет на редовното годишно Собрание кое се одржа денеска во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, донесе одлука за промена на името во Олимписки комитет на Северна Македонија, откако тоа го прифатија делегатите. На состанокот беше променет и Статутот, но беше донесена и измена со која националните спортски федерации кои се дел од олимписките спортови, го преземаат мнозинството во собранието.
Промената на Статутот на сега Олимпискиот комитет на Севрна Македонија беше едно од четирите барањата на Меѓународниот олимписки комитет од изминатиов период, покрај барањата до властите во земјава и до другите спортски организации, прво да направат измени на Законот за спорт, потоа националните олимписки федерации да потпишат Меморандум за автономија и трето да се усогласат статутите на националните спортски федерации со статутите на меѓународните спортски федерации, согласно Олимписката повелба.
Претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Васил Тупурковски, изјави дека промената на името на Националниот олимписки комитет е направена, бидејќи се сменети Уставот и законите, а информацијата потекнува од Обединетите нации и Меѓународниот олимписки комитет.
„Затоа мораме да носиме одлука да се викаме Олимписки комитет на Северна Македонија.“, изјави Тупурковски.